Кутиите што ги инсталира Веризон служат за напојување со струја и податоци за 5Г антените кои се поставени на столбови во нивна близина. Проблемот со 5Г технологијата е што иако е спектакуларно брза, таа има катастрофален домет, што се решава со преплавување на една област со антени, а тоа бара и сопствена логистика која мора некаде да се постави.
Дури и луѓето кои немаат никаков проблем со 5Г технологијата имаат проблем со логистиката што таа ја бара, бидејќи Веризон според закон нема потреба ни од дозвола од сопствениците на куќите за да ја инсталира опремата кај нив во двор. Телекомот дури не мора ни да ги информира дека ќе им ја стави грдосијата. Ова се должи на тоа што кутиите (како и бандерите за антените) се поставуваат според принципот на „право на минување“.
За ова телекомите треба само на сметка на локалните власти да уплатат 300 долари. Овој надомест беше 2.700 долари, пред да биде симнат во 2017.
Дури и без да се земе предвид 5Г дебатата, сопствениците се жалат дека поставувањето опрема (кое не е само во Хјустон и не е само од Веризон) сериозно ја намалува вредноста на нивната куќа. Хјустон хроникл пишува и за случаи кога екипите што инсталираат нова опрема закачиле водоводни цевки и предизвикале поплава.