Зошто Сноуден ја избра Москва

Сноуден одлучи дека најбезбедниот пат до ветената земја води преку Москва. Веќе е слетан таму и чека да тргне за Еквадор.

Иако Хонг Конг нема договор за екстрадиција со САД, Сноуден одлучи да си замине од таму откако Американците и официјално го обвинија за шпионажа и кражба на владина сопственост - и двете обвиненија носат по 10 години затвор.

Како алиби пред Американците, руските власти инсистираат дека тие не биле однапред информирани за намерата на Сноуден да лета за Москва и дека тој технички никогаш не влегол на руска територија.

"Тој ја нема минато пасошката контрола на аеродромот Шереметјево во Москва. Наместо тоа функционери на Еквадор, каде Сноуден бара азил, дојдоа да се сретнат со него во меѓународниот терминал - што претставува екстериторијален простор. Од таму Сноуден треба во следните денови да лета за Латинска Америка," објаснува магазинот Тајм.

Русите дополнително порачаа: "За Сноуден нема издадено меѓународна потерница за негово апсење."

Изборот на Русија беше делумно ризичен за Сноуден, откако Сергеј Бут, братот на осудениот меѓународен шверцер на оружје Виктор Бут, побара Русите да го уапсат Сноуден и да го разменат за неговиот брат. Русите не го поддржаа ова барање.

24 јуни 2013 - 11:38