Шест пати повеќе Американци се откажуваат од своето матично државјанство отколку пред неколку години.
Причината е промената на даночната политика во 2010-та година, кога во намера да ја спречат даночната евазија, американските власти бескрајно им го загорчија животот и на своите државјани кои живеат надвор и на финансиските институции кои работат со нив.
Имено, од тогаш, банките надвор од САД треба да имаат листа на клиенти Американци и редовно да ги известуваат институциите во САД за состојбата на нивните сметки.
Заради бескрајните компликации на оваа тема, огромен дел од банките решија воопшто да немаат клиенти Американци.
"Никој не сака да работи со Американци. Пробав во цела Германија, а и во остатокот од Европа ни ги раскинуваат договорите. Едноставно, нејќат да си имаат работа со нас," вели еден 70 годишен Американец кој 40 години живее во Германија.
Затоа дел од нив решаваат да се откажат од државјанството кое им создава проблеми. А откажувањето воопшто не е лесна работа бидејќи секој мора да мине низ серија интервјуа за органите да утврдат дали има валидна причина да го врати пасошот. Во Швајцарија, бројот на Американци кои сакаат да се откажат од државјанството е толку голем што постои листа на чекање.
Најголем дел земји не ги оданочуваат своите државјани кои живеат во странство. Македонец во Германија не плаќа македонски туку германски даноци. Тоа не е случај со Америка која ги оданочува своите луѓе без разлика каде живеат.