Се работи за симболични 1 милион долари донација за фондот за организирање на инаугурацијата на Трамп, со кого Закерберг, прв пат по победата на изборите, се виде пред некоја недела на приватна вечера во Мар-а-Лаго.
Официјалните документи покажуваат дека Закерберг низ годините финансира повеќе кандидати за Конгрес од двете партии, но главно се држи на страна од претседателската трка или инаугурација.
Закерберг е прилично кабает пред Трамп затоа што пред неколку години по упадот во Конгресот од 6 јануари целосно го банираше Трамп од сите свои платформи.
Уште за време на кампањата Трамп јавно му се закани со затвор на Закерберг доколку на изборите се обиде да работи против него.
За Закерберг и општо за технолошката индустрија е проблем и тоа што константно е перципирана дека работи против републиканците, а на последните избори, републиканците ја освоија и Белата куќа и Горниот и Долниот дом на Конгресот.
Џеф Безос, кој до пред изборите беше еден од најголемите противници на Трамп, а за време на првиот мандат неговиот Вашингтон пост ја предводеше опозицијата против претседателот, на Икс му ја честиташе победата на Трамп, а неодамна на една конференција на Њујорк тајмс порача дека овој пат е многу поголем оптимист околу претседателот, дополнувајќи:
„Она што до сега го гледаме е дека тој е посмирен отколку што беше првиот пат и многу посамоуверен, многу посталожен.“