Украинците почнуваат да се чудат што гледа Зеленски што не гледаат тие

Повеќе од 650 денови по ред, украинскиот претседател има барем по едно обраќање до нацијата во кое ја велича армијата и го слави напредокот што го имаат на фронтот. Пораката секогаш е „напредуваме“ и таа порака е аплицирана на сите нивоа од влада до локални власти, проблемот е што доаѓа со стриктна цензура, по цела вертикала, за лоши вести од фронтот.

Неуспесите на Украина на фронтот почнаа да предизвикуваат поделби меѓу военото и цивилното раководство на земјата околу продолжувањето со истата политика на ширење позитива околу случувањата на фронтот.

„Треба да додадеме повеќе реализам... и треба да бидеме храбри околу случувањата како што бевме на 24 февруари,“ објаснува за Фајненшл тајмс, лице запознаено со комуникациската стратегија на претседателскиот кабинет.

Воените лидери на Украина веќе алармираат дека разликата меѓу официјалната порака од Зеленски и ситуацијата на теренот повеќе не се уверливи, и затоа не ги мотивираат ниту Украинците, ниту Западот.

Од друга страна Зеленски верува дека оптимистичката порака е единствен начин да се убеди Западот и да се крене довербата на украинските бизниси, од чии даноци се финансира одбраната на земјата.

Расцепот меѓу двете страни стана јавен по сега веќе историското интервју на генералот Валериј Залужниј, кога генералот порача дека војната е заглавена, што до тогаш беше табу тема во Киев.

Ирина Золотар, советничка и одговорна за комуникации на поранешниот украински министер за одбрана, Олекси Резников, објаснува дека стратегијата со оптимизмот првично дава резултати, помагајќи им на Украинците да веруваат во себе и дека можат да се спротивстават на инвазијата. Меѓутоа сега истата таа стратегија создава конфузен наратив во кој „очекувањата се пренагласени и не одговараат на вистинската состојба на работите.“

„За општеството да не почне да гради замоци во воздух и за да ги извади розовите очила, неопходно е да престанеме да се плашиме да ја кажуваме вистината.

Дека победата ќе дојде со тешкотии, дека ова е маратон и е долг и истоштувачки,“ изјавила Золотар.

Други украински советници за комуникација сметаат дека стратегијата не им ја претставува итноста на ситуацијата на Украинците и на западната публика, плус ја поткопува довербата.

ФТ како пример за ова ја издвојува речиси 10-месечната битка за Бахмут. Тогаш, додека украинската пропаганда ширеше слогани за „Тврдината Бахмут“ и „несовладливиот“ Бахмут, западни партнери се обидуваа да го убедат Киев дека Бахмут не ги заслужува огромните загуби што Украина ги претрпува за негова одбрана. Подоцна токму загубите што Украина ги има кај Бахмут беа наведени како една од причините за неуспехот на летната контраофанзива.

Проблем за Киев е и што сега вестите за војната се шират меѓу јавноста по неофицијални канали, како социјални мрежи и разговори.

„Речиси секој во Украина има роднини или пријатели кои се борат или кои страдале директно од војната.

Ако нема негативни информации тоа ќе ја убие довербата во владата,“ објаснуваат соговорниците на ФТ.

14 декември 2023 - 11:45