Украина троши повеќе муниција за еден ден отколку НАТО во Авганистан за еден месец

Во Авганистан НАТО силите знаеле да испукаат и до 300 артилериски проектили на ден, без притоа да му ја мислат за противвоздушна одбрана. Украинците дневно испукуваат илјадници артилериски проектили а плус на нив им треба и противвоздушна одбрана.

Статистиката што ја вади Њујорк тајмс од борбите во Донбас летово, е дека Украинците секој ден истрелуваат меѓу 6.000 и 7.000 артилериски проектили, додека Русите трошат некаде меѓу 40 и 50 илјади од истата муниција на ден.

За споредба, САД месечно произведува само 15.000 парчиња од оваа муниција.

Освен што работи на своја страна, Западот сега активно бара начин како за артилериските потреби на Украина да пренамени муниција од времето на СССР, како одбранбени ракети од С-300, муниција од Т-72 тенкови и стари советски артилериски гранати.

За помош на украинската војска на фронтот се разгледуваат и планови за воскреснување на затворени фабрики за оружје од комунизмот во Чешка, Словачка и Бугарија, кои би требало пак да почнат да произведуваат гранати од 122 и 152 милиметри.

Њујорк тајмс го повторува заклучокот дека НАТО по падот на СССР никогаш не се ни подготвувал за уште една ваква фронтовска војна, со масовно користење артилерија и тенкови, заради што и во 30-те години од падот на комунизмот, тие константно го намалуваат производството на овој дел од воената опрема.

29 ноември 2022 - 12:33