Неделава во Вашингтон пристигна група украински парламентарци со истата агенда за која побара помош од тамошни конгресмени. Нивното ветување е дека главна мета на овие напади ќе бидат руските депоа со муниција и оружје во релативна близина на украинската граница.
Деновиве десетици илјади руски војници извршија упад на украинска територија на североисток и покрај тоа што украинското разузнавање со месеци алармираше за овој напад.
Политико пишува дека украинските власти со недели гледале како руските сили се трупаат на нивната граница без да смеат да ги употребат американските оружја за превентивен удар. Забраната за стрелање на руска територија беше еден од главните предуслови од администрацијата на Бајден за да им испрати ракети на Украинците.
Како што објаснува весникот Русите се свесни за ова ограничување што им дозволило да соберат најмалку 30.000 војници и опрема на границата без да им биде страв дека ќе бидат гаѓани со американските АТАМЦС.
„Ги гледавме како седат на еден два километри од границата на руска територија и ништо не можевме да направиме околу тоа,“ објаснува претседателката на украинската комисија за оружје и муниција, Олександра Устинова.
И покрај украинските притисоци за сега Белата куќа не ја менува политиката околу користењето на нивните ракети вон Украина.
Во меѓувреме, како дел од планот на Русија за креирање на бафер зона на границата на Украина и разретчување на украинските сили на истокот, Русија изврши успешен упад во украинска територија на североистокот и неочекувано брзо освои неколку погранични села и градови.
Минатиов месец Британија ја повлече сличната забрана што ја имаше за користење на нивно оружје на руска територија.