Новинарите на Асошиетед прес успеале да идентификуваат најмалку 50 цивилни нисколетечки авиони кои во служба на ФБИ за само еден месец имале стотина летови во 11 американски сојузни држави.
Децении наназад Бирото користи авиони за поддршка на нивните операции на земја, но сега леталата се опремени со најмодерни камери и во некои случаи опрема способна да следи илјадници телефонски разговори, што ја покренува загриженоста околу приватноста на граѓаните.
"Федералните спроведувачи на законот мора да имаат средства да откриваат и фаќаат криминалци но секогаш кога со ваквите операции можат да се следат и луѓе кои не се оперативна цел, мора да бидеме сигурни дека се заштитени цивилните слободи на недолжните Американци," порача претседавачот на комитетот за правда на американскиот Сенат, Чарлс Грасли.
ФБИ вели дека авионите не ги користи за масовно следење и собирање податоци, но за првпат го потврдија ваквото масовно користење цивилни авиони кои во нивниот случај се регистрирани на најмалку 13 лажни компании. Велат дека ваквата маска била неопходна за да се заштити тајноста на операциите.
А тие не се единствената државна институција која се служи со вакви методи. Агенцијата за борба против наркотиците има 92 авиона во свое користење, исто така регистрирани на непостоечки компании.
Министерството за правда неодамна ги регулираше политиките на приватност во случај на дронови и други беспилотни летала но тие правила не важат за човечки управувани летала. Со опремата во нив (најчесто Стингреј симулатори на базни станици) можат да се откријат и следат илјадници луѓе дури и во случај кога активно не ги користат своите мобилни телефони.
ФБИ дури неодамна почна да бара судски налози за користење на оваа опрема. Претходно, администрацијата на Обама преку доверливи материјали ги инструираше локалните власти да не го обелоденуваат користењето на ваквата опрема а обвинителите се охрабруваа попрво да дигнат раце од некој случај отколку да го откријат користењето на опремата во отворени судски постапки.