Убиството на Кашоги, од почеток од крај

Заклучокот на документот што го објави Бајден е дека саудискиот престолонаследник, Мухамед бин Салман, со сигурност одобрил, а најверојатно и го наредил, убиството на Џамал Кашоги.

Јуни 2017

Џамал Кашоги ја напушта Саудиска Арабија и заминува во Вашингтон, во надеж дека ќе може да продолжи да истражува и пишува и покрај насилната цензура што се води во Саудиска Арабија.

„Никој не се осудува да зборува или да ги критикува реформите започнати од МБС.

Ајде да зборуваме за нешто друго освен правото на жените да возат. Проектот НЕОМ, футуристичкиот град во кој престолонаследникот планира да инвестира 500 милијарди долари. Што ако нешто не тргне по план? Тоа би можело да ја банкротира државата,“ изјавува Кашоги за Ал Џезира, три месеци пред да си замине од Саудиска Арабија.

 

Мај 2018

Кашоги се запознава со Атиџе Ченгиз, 36-годишната Турчинка докторантка со која наскоро треба да се вери.

 

28 септември 2018

Кашоги за прв пат оди во саудискиот конзулат во Истанбул за да извади потврда дека е разведен од неговата поранешна сопруга, документ кој е задолжителен по турски закон, за да може да се ожени со Ченгиз.

 

2 октомври 2018

Придружен од Ченгиз, која чека пред конзулатот, Кашоги е снимен од надзорните камери како влегува во заградата во 13:14 часот по локално време.

Ченгиз има упатство да го контактира Јасин Актај, близок советник на Ердоган, во случај нешто да тргне на лошо.

Минуваат три часа пред Ченгиз да ги праша луѓето од конзулатот каде е Кашоги, на што добива одговор дека тој веќе си заминал но од задниот влез на конзулатот.

 

3 октомври 2018

Саудиските власти објавуваат изјава во која го потврдуваат исчезнувањето на Кашоги но инсистираат дека тој си заминал од објектот.

„Г-дин Кашоги го посети конзулатот за да побара документи во врска со неговиот брачен статус и за кратко време си замина,“ стои во изјавата.

Портпарол на кабинетот на турскиот претседател, изјавува дека Кашоги никогаш не го напуштил конзулатот.

 

4 октомври 2018

Турското министерство за надворешни работи го повикува саудискиот амбасадор во Анкара, заради исчезнувањето на Кашоги.

Амбасадорот негира дека знае што било околу исчезнувањето на Кашоги, дополнувајќи дека ќе ги информира властите штом има дополнителни информации.

 

5 октомври 2018

Саудискиот престолонаследник изјавува дека Кашоги не е во конзулатот, дополнувајќи дека тој нема ништо против турската истрага која се случува во моментот.

„Јас колку што знам тој влегол и излегол од таму во рок од неколку минути или еден час. Не сум сигурен. Се уште го истражуваме ова преку министерството за надворешни работи за да видиме што точно се случило во тој момент,“ изјавил МБС за Блумберг.

 

7 октомври 2018

Турскиот претседател изјавува дека и понатаму останува оптимист за судбината на Кашоги и покрај извештаите дека тој најверојатно е убиен.

Ердоган кажува дека ќе биде прегледана видео снимка од камерите пред влезовите на конзулатот, а ќе биде проверени и сите дојдовни и излезени авионски летови од земјата.

Јасин Актај, советникот на Ердоган, за Ројтерс изјавува дека верува дека Кашоги е убиен внатре во конзулатот.

Актај дополнил и дека во целата работа „речиси сигурно е вклучен“ и тим од 15 убијци.

 

8 октомври 2018

Ердоган изјавува дека „товарот на докажување“ паѓа на Саудијците, додека американскиот претседател изјавува дека е загрижен околу исчезнувањето на Кашоги.

 

9 октомври 2018

Вашингтон пост - за кого Кашоги пишува колумна - објавува дека американски разузнавачи пресретнале комуникација меѓу саудиски функционери кои планираат киднапирање на новинарот.

Саудиска Арабија се согласува да им дозволи на турските власти да го пребараат конзулатот.

 

10 октомври 2018

Турските медиуми објавуваат слики од наводниот 15-член саудиски вод за елиминации и видео од сомнително движење во саудискиот конзулат во Истанбул по исчезнувањето на Кашоги.

Друг турски канал објавува видео како Кашоги влегува во саудискиот конзулат.

 

11 октомври 2018

Анкара и Ријад објавуваат дека тие ќе формираат заедничка група за истражување на убиството на Кашоги.

 

12 октомври 2018

Функционери им изјавуваат на турски и американски медиуми дека постојат снимки од последните моменти на Кашоги во саудискиот конзулат.

Министерот за внатрешни работи на Саудиска Арабија ги отфрла тврдењата околу исчезнувањето и наводното убиство на Кашоги, и ги нарекува „лаги“ насочени кон кралството.

 

15 октомври 2018

Турските власти влегуваат во саудискиот конзулат и подоцна објавуваат дека имаат докази кои ги потврдуваат сомневањата дека Кашоги бил убиен во саудискиот конзулат во Истанбул.

Трамп изјавува дека смртта на Кашоги може да е дело на убијци кои делувале на своја рака.

 

17 октомври 2018

Турските инспектори влегуваат во домот на саудискиот конзул во потрага по Кашоги.

 

18 октомври 2018

Турските медиумски извештаи тврдат дека Кашоги бил убиен „по неколку минути“ од влегувањето во конзулатот.

Трамп изјавува дека „секако изгледа“ како саудискиот новинар Џамал Кашоги да е мртов.

 

20 октомври 2018

Саудиска Арабија потврдува дека Кашоги бил убиен во саудискиот конзулат на 2 октомври. По оваа потврда, уапсени се 18 саудиски државјани заради нивната вклученост, а пет функционери се сменети.

Саудиски функционер за Ројтерс изјавува дека тимот од 15 Саудијци кои се испратени да го конфронтираат Кашоги на 2 октомври го убиле со давeње престапувајќи ги наредбите што ги имале.

 

22 октомври 2018

Ројтерс објавува дека убиството на Кашоги во Истанбул е организирано од поранешниот кралски медиумски советник и еден од највисоките советници на МБС, Сауд ал-Катани.

Си-ен-ен објавува снимка во која очигледен двојник на Кашоги доаѓа во Истанбул како дел од саудискиот тим.

 

23 октомври 2018

Ердоган ја обвинува Саудиска Арабија за планирање на убиството пред 2 октомври, и побара одговори за тоа кој го наредил убиството.

 

10 ноември 2018

Турција тврди дека споделила аудио снимки од убиството со неколку влади, вклучително САД, Германија, Франција и Британија, како и Саудиска Арабија.

Турските власти ја прекинаа потрагата по телото на Кашоги.

 

15 ноември 2018

Саудиска Арабија обвинува 11 лица што ги смета за одговорни за убиството на Кашоги. Саудискиот обвинител исто така изјавува дека ќе бара смртна казна за 5 од нив кои ги издале наредбите и го надгледувале спроведувањето на убиството.

 

17 ноември 2018

ЦИА заклучува дека МБС го наредил убиството на Кашоги во Истанбул.

 

18 ноември 2018

Трамп изјави дека нема да ги слуша аудио снимките од убиството на Кашоги.

Во интервју за Фокс њуз Трамп изјавува „Ја имаме снимката, не сакам да ја слушам снимката, нема зашто да ја слушам снимката.“

 

19 ноември 2018

Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија изјавува дека тврдењата дека МБС го наредил убиството на Кашоги се лажни.

 

20 ноември 2018

Белата куќа во официјална изјава ја нагласува важноста на саудиско-американските односи.

„Имајќи го тоа предвид, ние може никогаш нема да ги дознаеме сите факти околу убиството на г-дин Џамал Кашоги. Во секој случај нашата врска е со кралството Саудиска Арабија,“ се наведува во изјавата.

 

16 декември 2018

Првиот човек на О.Н. Антонио Гутереш повикува на „кредибилна“ истрага на убиството на Кашоги.

„Апсолутно е клучно да имаме кредибилна истрага и да имаме казна за оние што се виновни,“ изјавува Гутереш.

3 јануари 2019

Во Саудиска Арабија започнува судењето на 11 осомничени, а обвинетите се појавуваат заедно со своите адвокати. Јавниот обвинител бара смртна казна за 5 од нив.

 

5 јануари 2019

Канцеларијата за човекови права на О.Н. изјавува дека саудиското судење „не е доволно“, а портпаролката го повторува повикот за независна истрага „со меѓународно инволвирање“.

 

28 јануари 2019

Тим на О.Н. предводен од Агнес Каламард започнува со истрага на убиството.

Тимот го посетува саудискиот конзулат во Истанбул за време на еднонеделниот престој во градот.

Истражувачите се обидуваат да ја утврдат „природата и обемот на одговорноста на државата и поединците“ во однос на убиството на Кашоги.

 

19 јуни 2019

Каламард објавува извештај во кој се тврди дека МБС и други високи саудиски функционери треба да бидат истражени за убиството.

Саудиските власти го отфрлаат извештајот тврдејќи дека неговите заклучоци се „неосновани“.

 

10 септември 2019

Турските медиуми објавуваат транскрипти од аудио снимките од убиството, детално пренесувајќи го разговорот меѓу новинарот и членовите на 15-члениот тим на убијци во моментите пред убиството.

 

30 септември 2019

МБС во интервју со американските медиуми отфрла дека го наредил убиството на Кашоги, меѓутоа изјавува дека на крајот тој сепак „сноси целосна одговорност“ заради тоа што се случило бидејќи тој е лидер на земјата.

 

17 декември 2019

Американскиот конгрес носи одлука дека директорот на националните разузнавачки служби треба да декласификува извештај кој покажува докази за „напредно знаење и улога на сегашни и поранешни саудиски функционери“ во убиството на Кашоги во рок од 30 дена по изгласувањето.

Администрацијата на Трамп одбива да го објави извештајот, по основа дека откривањето на информацијата ќе ги компромитира изворите и методите на националното разузнавање.

 

23 декември 2019

Осум од 11 осомничени на судењето се прогласени за виновни, а 5 од нив се осудени на смрт. Пресудата тврди дека убиството не било однапред умислено и го ослободува советникот на МБС од каква било вина.

 

22 мај 2020

Синот на Кашоги, Салах, на Твитер објавува изјава во која порачува дека им простува на убијците на татко му.

Според муслиманскиот закон, смртната казна во Саудиска Арабија може да биде укината ако семејството на жртвата им прости на осудените.

 

3 јули 2020

Во Турција започнува судењето во отсуство на 20 Саудијци.

На списокот се поранешниот заменик директор на саудиското разузнавање и Ал-Катани.

 

7 септември 2020

Саудискиот суд ја поништува смртната казна за петмината обвинети за убиството на Кашоги. Наместо тоа, тие добиваат по 20 години затвор.

 

10 септември 2020

Каламард го осудува саудискиот судски процес како „театар“.

 

26 септември 2020

Турција поднесува обвиненија во отсуство за уште шестмина други Саудијци.

 

20 октомври

Вереницата на Кашоги, Ченгиз, и група за човекови права, поднесуваат тужба против МБС и уште две дузини саудиски функционери, пред судот во Вашингтон, каде бараат оштета за убиството во Истанбул во 2018.

 

19 јануари 2021

Кандидатката за директор на американското Национално разузнавање, Аврил Хајнс, за време на сослушувањето пред Сенатот изјави дека администрацијата на Бајден ќе го објави разузнавачкиот извештај за Кашоги.

 

20 февруари 2021

Белата куќа соопштува дека Бајден планира да ги „рекалибрира“ односите со Ријад, и дека ќе комуницира само со Кралот Салман, не и со престолонаследникот МБС.

 

25 февруари 2021

Портпаролот на американскиот Стејт Департман изјавува дека објавувањето на извештајот ќе биде „важен чекор“ во добивање одговорност за убиството на Кашоги.

 

26 февруари 2021

Декласификуваниот извештај од канцеларијата на американскиот Директор на националното разузнавање вината за операцијата во која беше убиен Кашоги му ја припишува на престолонаследникот Мухамед бин Салман.

1 март 2021 - 13:00