Убиен полубратот на Ким Јонг-Ун

Ким Јонг-Нам, 45-годишниот полубрат на севернокорејскиот лидер, убиен е на аеродромот во Куала Лумпур, објавува Бибиси.

Јонг-Нам, најстариот син на Кин Јонг-Ил, според полициски извори е човекот кој починал во брзата помош на пат од аеродромот во Куала Лумпур кон болница.

Веста за смртта ја објавуваат и јужнокорејската новинска агенција Јонхап и Ројтерс, врз основа на извори од јужнокорејската влада.

Наводно Јонг-нам бил отруен на аеродром од две жени, за кои се верува дека се севернокорејски оперативки. Оваа информација е од јужнокорејската телевизија Чосун и се уште не е потврдена.

Јонг-нам по сите правила требаше да го наследи Ким Јонг-Ил, меѓутоа се претпоставува дека заради еден инцидент од 2001 кога тој беше фатен со лажен пасош како се обидува да влезе во Јапонија (за да оди во Дизниленд во Токио), севернокорејскиот владетел решава да го прескокне својот најстар син и да почне да го подготвува Јонг-Ун за преземање на власта.

Откако си заминува од Северот, Јонг-нам најголемиот дел од времето го минува во Макао.

Во 2012, тој е цитиран во една книга дека "верува дека неговиот помлад полу-брат нема лидерски квалитети, и дека предавањето на власта нема да успее, а Северна Кореја е нестабилна заради што и е потребна економска реформа како онаа што беше спроведена во Кина".

Наводно тој и претходно бил мета на обид за атентат. Севернокорејски шпион уапсен од Југот во 2012, признал дека се обидувал да организира некој да го удри Јонг-нам со кола.

 

14 февруари 2017 - 15:02