До сега само пасијата на Трамп за играње голф ги чини американските даночни обврзници околу 115 милиони долари по основа патни трошоци и обезбедување. Споредено со платата што тој повеќекратно повторува дека ја донира, тоа е еднакво на 287-годишни плати на американскиот претседател по денешен курс.
Дополнително, од голфот на американскиот претседател ќар има и неговата компанија, бидејќи тој игра на негови терени и во тоа време престојува во сопствените одморалишта, каде по службена должност мора да биде сместена и целата свита советници, обезбедување и логистика која оди со него.
Белата куќа не ги открива деталните расходи на претседателот и колкави фактури им стигаат од Мар-а-Лаго ресортот.
Она до што новинарите успеваат да се дочепаат е дека Мар-а-Лаго на САД му наплатил 546 долари од вечер за соба, за 24-те функционери кои престојувале таму за време на посетата на кинескиот претседател Џинпинг во 2017. Друга организација која го следи трошењето на буџетот, дошла до сума од 254.000 долари кои американската Тајна служба им ги платила на најразлични хотелиерски објекти на Трамп во рок од 5 месеци.
Според ГАО (Government Accountability Office) секое патување на Трамп во Мар-а-Лаго за да игра голф, ја чини државата 3,4 милиони долари. Од ова најголемиот дел од трошоците се за летањето на службениот претседателски авион и најразличните товарни авиони кои постојано мора да ги пренесуваат оклопните возила на претседателот и остатокот од колоната што оди со него.