Договорот со НАТО сведочи дека Трамп се откажува од ризичното сценарио за воена акција против европските сојузници заради присвојување на островот од Данска. Тој и неколку часа претходно, говорејќи на Светскиот економски форум во Давос објави дека САД нема да употребат воена сила, но инсистираше на „итно“ преземање на Гренланд. Планот што го усогласил со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го опиша како „фантастичен за САД“.
Добиваме сè што сакавме, вклучително и особено вистинска национална и меѓународна безбедност. Тоа е врвен долгорочен договор. Ги става сите во навистина добра позиција, особено кога станува збор за безбедноста и минералите. Тоа е договор што ќе трае вечно, изјави Трамп.
Претседателот додаде дека поради постигнатото разбирање со НАТО, повеќе не важи заканата за воведување царини од 10% за осум европски земји што се противат на американското присвојување на Гренланд.
Нема да ги воведувам тарифите што требаше да стапат на сила на 1 февруари. Се водат дополнителни дискусии во врска со Златната купола во однос на Гренланд, порача Трамп на својата социјална мрежа.
Генералниот секретар на НАТО изјави дека со Трамп воопшто не разговарал дали Гренланд ќе ѝ остане со Данска.
Тој беше фокусиран како можеме да го заштитиме огромниот арктички регион, во кој сега се случуваат големи промени и во кој Кинезите и Русите се се поактивни, изјави Руте.
Трамп и Руте не објавија детали за планот, но анонимни извори на Њујорк тајмс тврдат дека тој во основа е идентичен на договорот за воено присуство на Британија на Кипар.

Базите што ќе ги добие САД ќе се сметаат за американска територија. Тоа ќе им овозможи на САД да извршуваат воени операции, разузнавање и обука, а ќе овозможи и „локален развој“ – градежни работи и експлоатација на ретки метали, без да бараат дозвола од Данска. САД ќе можат на Гренланд да градат елементи од системот за противракетна одбрана Златна купола, на кој инсистира Трамп.
На САД веќе им е дозволено да градат и управуваат воени бази во Гренланд и имаат неограничена „слобода на дејствување“ по копно, воздух и море помеѓу одбранбените области.
Портпарол на НАТО изјави дека ќе следат преговори меѓу Данска, Гренланд и САД „за да се обезбеди Русија и Кина никогаш да не добијат економско или воено упориште“ на северниот остров.
Данска, која досега не беше вклучена во дискусиите, официјално не го коментираше планот, но министерот за надворешни работи Ларс Локе Расмусен ја поздрави одлуката на Трамп да ја повлече заканата со царини.
Она што е клучно за нас е да го завршиме ова со почитување на интегритетот и суверенитетот на кралството (Данска) и правото на гренландскиот народ на самоопределување, изјави Расмусен.
Лидерите на Европската Унија за вечерва закажаа вонреден самит за да го координираат својот одговор.