Германија располага со муниција која ако не дај Боже затреба би издржала ден или два. Тоа не го кријат ниту претставниците на индустријата за оружје, ниту тамошните експерти, ниту политичарите во Бундестагот. Германија, исто така, забошотува и на меѓународно ниво, бидејќи НАТО изрично бара залихи кои би издржале најмалку 30 дена.
И покрај овој проблем кој е познат веќе со години, па од него страдаат и воените вежби, Германија ја опслужува Украина со муниција. Според официјалниот сајт на сојузната влада, досега се „позајмени“ 167.000 парчиња муниција за рачно оружје, 1.592 парчиња топовска муниција од 155 милиметри, 255 парчиња од топовската муниција „Волкано“ и 30.000 парчиња од 40 милиметри.
Тоа што до сега не е дојдено Германија да треба да се позајмува муниција, ни најмалку не го смирува генералниот директор на Сојузното здружение за одбрана и безбедност, Ханс Криштоф Ацподин, според кого:
„Ситуацијата нема да се подобри доколку и понатаму се предаваат залихите, без правење на адекватни нарачки кои индустријата би можела да ги испорача правовремено.“
Колку заостануваат со нарачките, за Бизнис Инсајдер открива и комесарот за одбрана во Бундестагот, Ева Хугл:
„Би ни требале дополнителни 20 милијарди евра само за набавка на муниција. Исто, немаме складишта. Во превод - ќе треба уште многу да се потрудиме.“
Експертите предвидуваат дека до 2030 ќе биде потребен пакет од 30 милијарди евра, со тоа што муницијата обично се подмирува буџетски, а не од посебен фонд.
Хугл бара промени на повеќе нивоа. Спомнува материјали, човечки ресурси, инфраструктура, но и процедури, процеси, структури и одговорности:
“Нешто мора да се промени за да се постигне целосна оперативна спремност“, заклучува таа.
Од снимките од боиштата во Украина, јасно е дека интензитетот на војување таму е сериозен. Жестоко и непрестано се пука и од двете страни. Летоска, само четири недели откако Бундесверот испорача PzH 2000 (еден од најсовремените артилериски изуми на германската воена индустрија) за Украина, од таму јавија дека тенковските цевки станале неупотребливи од континуираниот оган.