Иницијативата „Генерацијата Z средува“ (Gen Z regelt) денеска одржува состаноци низ универзитетите за да договори блокада веќе од утре. Блокадата ќе се поклопи со закажаните масовни протести низ земјата, како и со националните штрајкови на синдикатите во Италија. Преку веб-страницата на „Gen Z regelt“, околу 18.000 луѓе се пријавиле за учество на демонстрации во 40 германски градови.
Тие веќе две години штрајкуваа на универзитетите и со тоа имаа значително влијание врз изборите. Тоа, се разбира, го инспирираше нашето движење овде, изјави Вероника Динтер, претставничка на групата.
Динтер, која е членка на екстремната левичарска партија Die Linke, вели дека младите во Германија главно се незадоволни од најавите за воведување на задолжителен воен рок, од кратењата на државните буџети за социјални прашања и образование.
Нина Колек, политиколог од Универзитетот во Потсдам, вели дека на германското младинско движење му недостасува насока.
Во Шпанија, на пример, главен проблем беа кириите. Во Србија, тоа беше првенствено незадоволство од корупцијата и владата. Во Франција, фокусот е главно на образовниот систем, додека во Германија работите сè уште воопшто не се јасни, укажува Колек.

Нови податоци од организацијата за следење конфликти Acled покажуваат дека во изминатиот месец се одржале над 1.100 протести на кои учествувале повеќе од 100 студенти или млади луѓе. Поводите биле од локален карактер – од лошата состојба на училиштата во Франција до корупцијата во Албанија. Заедничката линија е убедувањето меѓу младите луѓе дека властите носат одлуки на нивна штета без да ги прашаат.
Најизразеното заедничко незадоволство се однесува на образованието. Кратењата на буџетот или хроничното недоволно финансирање ги извадија студентите на улиците во Франција, Италија, Германија, Австрија, Белгија, Грција и Данска. Во истото време во некои од овие земји растат воените буџети. Зголемените кирии и трошоци за живот дополнително го разгоруваат тој гнев, како и чувството дека политичките партии и институциите не ги слушаат, изјави за Фајненшл тајмс Ибрахим Сабра, истражувач од Универзитетот Колумбија.
Алекс Брајсон, аналитичар од платформата Pulsar, укажува дека протестите низ Европа не се прошириле на вообичаениот начин. Впечатливо е отсуството на пан-европско прифаќање на хаштагови, наративи или влијателни личности.
Исклучок е пиратското знаме од јапонската аниме серија „One Piece“, кое во изминатите години стана симбол на незадоволството на младите ширум светот.