Раскажувајќи ја битката за Нескучне, војникот Кривбас од украинската територијална одбрана, раскажува како нивните процени пред нападот на селото покажале дека таму има само 20 руски војници.
Тоа што тие не го знаеле, и не можело да се види од дроновите, е дека таму всушност имало 200 војници кои со денови се криеле во подрумите низ Нескучне, уринирајќи во пластични шишиња без ниту еднаш да не излезат на површина. Кога Украинците напаѓаат со 70 луѓе, нападот е одбиен и прогресот заглавува.
Последната битка се води во селското училиште, каде руски падобранци го даваат последниот отпор пред да се повлечат. Кога Украинците влегуваат во училиштето таму ги забележуваат ужасните услови во кои Русите ги живеат деновите до нападот без да извадат ниту глава надвор од зградата.
„Овој нихилизам само го нагласува клучното прашање што го имаат украинските сили: Зошто руските сили толку упорно се борат за овие мали населби? Како што нападите продолжуваат подлабоко во окупирана територија, така борбата и понатаму е тешка.
Фактот дека руските сили се борат толку упорно за секоја населба покрена сомнеж околу тврдењата дека руската одбранбена линија е жестока но тенка,“ се објаснува во текстот на Си-ен-ен.
Процената на Кривбас е дека причината зошто Русите се уште не бегаат безглаво од бојното поле е затоа што најверојатно „се уште чувствуваат дека имаа нешто позади себе“.
Негов впечаток е дека Русите се уште се на истата тактика од Бахмут, во која единици од поранешни затвореници се испраќаат на најистурените позиции на фронтот, без никакви комуникации или информации. Нивна задача е да пукаат во сите правци во надеж дека ќе ги откријат украинските позиции за поискусните руски војници да можат да ги нападнат.
„Тие ќе седат до смрт. Не разбирам која им е мотивацијата. Ниту пак за што се борат,“ изјавил Кривбас.
Други украински војници раскажуваат дека Русите немаат проблем да користат гас „кој не го забележуваш бидејќи се движи ниско до земја, и после само ќе почувствуваш горење во грлото и носот“. Украински деминер раскажува дека Русите почнале да поставуваат стапици и на мините што треба да се чистат, па сега се почесто се наоѓаат бомби скриени под тенковските мини, кои треба да експлодираат во моментот кога ќе биде тргната мината.