На донаторската конференција закажана за четврток во Брисел, од буџетот на ЕУ ќе бидат одвоени 520 милиони евра за обнова и развој на Мали.
Патрони на целиот проект се нам добро познатиот Хозе Мануел Баросо и Франсоа Оланд, претседателот на Франција која со Мали има долги колонијални и битни постоколонијални односи.
Франција беше земјата која во јануари годинава испрати 4.500 војници во Мали за да се сопре офанзивата на исламистичките бунтовници кои почнаа да освојуваат значајни урбани места во земјата.
Во меѓувреме бунтовниците се повлечени на северот од земјата а Франција започна со повлекување на своите трупи иако планира да остави околу 1.000 војници за оддржување на моменталната воена надмоќ на државните сили.
Европските половина милијарда долари за Мали ќе бидат четвртина од двете милијарди долари кои се очекува да бидат собрани на донаторската во Брисел, што е само половина од 4,3 милијарди вредниот план на државата за комплетно обновување. Тој опфаќа поставување на здрави владини и воени институции, поправка на оштетената инфраструктура, организирање претседателски избори, започнување дијалог со бунтовниците и стимулирање на економијата.
Богатите држави истовремено ќе се обврзат финансиски да го помагаат Мали следниве 15 години доколку резултатите бидат видливи и одржливи.
"Од помагањето на Мали корист ќе има не само Африка туку и Европа," визионерски изјави Баросо не задоволувајќи ја нашата љубопитност со детали на што точно мисли кога ја уверува европската јавност дека стабилно и просперитетно Мали е битен европски проект.