Бројката што ја објавува Зеленски е 75 проектили плус ирански камикази дронови чија главна мета се електричната мрежа, административни згради и цивилни локации. Една од ракетите паѓа во близина на Врховната рада, во која освен парламентот се наоѓаат и канцелариите на Зеленски. Ова е прв пат по неколку месеци да биде гранатиран и Киев.
Украинскиот премиер Денис Шмигаљ изјави дека се погодени 11 „клучни инфраструктурни објекти“ без да даде дополнителни информации.
Ракетирањето се поврзува со два настана. Едниот е саботното рушење на дел од мостот што го спојува Крим со Русија. Другиот е првиот работен ден на генералот Сергеј Суровкин како главен воен командант на руската специјална операција во Украина.
За денес е закажан и состанок на Советот за безбедност на Путин, на кој се очекува дека ќе биде донесена голема одлука околу војната. Една од шпекулациите е дека на состанокот може да биде објавена смената на министерот за одбрана Сергеј Шојгу.