Путин и Трамп ќе се гледаат во Саудиска Арабија или Емиратите

Руски извори „кои се запознаени со дискусијата“ за Ројтерс изјавуваат дека средбата меѓу двајцата претседатели најверојатно ќе се одржи во една од двете арапски држави.

Трамп уште од почетокот на својата кампања тврдеше дека во најскоро време ќе ја заврши војната, а неодамна порача дека подготвен да се сретне со рускиот претседател. Самиот Путин му ја честиташе победата на Трамп на изборите, и исто така изјави дека е подготвен да се сретне со него да дискутираат за Украина и енергетика.

До сега руските власти во повеќе наврати отфрлаа дека имале директни контакти со американските колеги околу подготовки за телефонски разговор меѓу Трамп и Путин, кој би требало да претходи на евентуалната средба меѓу двајцата.

Меѓутоа Ројтерс пишува дека според руски извори, тамошни функционери изминативе недели биле во посета и на Саудиска Арабија и на Емиратите.

Дел од изворите тврдат дека во Кремљ и понатаму има отпор кон идејата, бидејќи и кралството и Емиратите имаат блиски односи со САД.

Саудискиот престолонаследник беше првиот светски лидер кој му се јави на Трамп да му ја честита победата на изборите во ноември, а Путин во септември јавно му се заблагодари на Мухамед бин Салман што помогнал за организирање на најголемата размена на американски и руски затвореници од крајот на Студената војна.

4 февруари 2025 - 13:01