Прва пресуда против индустријата за промена на пол кај малолетници

Окружен суд во Њујорк пресуди психолог и хирург да ѝ исплатат отштета на 16-годишна девојка затоа што ја убедиле да си ги отстрани градите. Првата судска одлука за медицинска злоупотреба поврзана со промена на полот може да има огромни последици. Докторите вршат притисок врз родителите: ако не дозволат операција, ризикуваат самоубиство на детето.

Фокс Варијан, која во времето на операцијата се идентификувала како трансродова, доби 2 милиони долари отштета - што вклучува 1,6 милиони долари за претрпената болка и идно страдање, и 400.000 долари за идни медицински трошоци. Сега 22-годишната Варијан се идентификува како жена.

Поротата на во судот во Вајт Плејнс, Њујорк, ги прогласи психологот Кенет Ајнхорн и хирургот  Сајмон Чин за одговорни за неисполнување на стандардите за нега пред да ѝ извршат неповратна операција на Варијан. Тие прескокнале важни чекори додека проценувале дали таа треба да продолжи со операцијата и не успеале соодветно да комуницираат едни со други, што е отстапување од стандардот за нега.

Писмената комуникација помеѓу Ајнхорн и Чин, приближно два месеци пред процедурата, содржела неточности и пропусти поради кои докторите немале целосна слика за психолошката состојба на Варијан. Девојката се чувствувала притисната да донесе одлука.

Мајката на Варијан, Клер Дикон, сведочеше дека се спротивставила на операцијата, но се согласила затоа што се плашела дека нејзината ќерка ќе изврши самоубиство. Ова е честа појава кај младите луѓе кои страдаат од родова дисфорија. Во 2024 година Њујорк тајмс објави како родителите на збунети деца честопати се емоционално уценувани да се согласат со овие процедури кога лекарите им велат „Дали сакате мртов син или жива ќерка?“.

Застапниците на моделот за потврдување на полот наведуваат студии што покажуваат поврзаност со помал ризик од самоубиство. Но, се покажа дека тие студии имаат методолошки недостатоци или се сметаат за нецелосно убедливи.

Поротата составена од обични Американци испрати јасна порака: правдата ќе биде задоволена за ранливите лица кои биле заведени во процедури за промена на полот без соодветни заштитни мерки, оцени Џош Пејн од адвокатска фирма што застапува жртви на операции.

2 февруари 2026 - 09:10