Иницијативата потекнува од покраинската Комисија за потрошувачи, која во извештај од минатиот месец заклучува дека таков список треба да биде лесно достапен за потрошувачите и континуирано да биде ажуриран од независна институција.
Слично на регистарот на лобисти, треба да бидат евидентирани лицата и организациите кои во повеќе наврати ширеле лажни информации за климатските промени. Потребно е да постои документација која лесно може да се провери, пишува во препораката.
На овој список би биле запишувани не само лица што ги негираат климатските промени, туку и оние што ги критикуваат владините мерки.
Наместо само да се негира постоењето на климатски промени предизвикани од човекот, сега се оспоруваат ефективноста на контрамерките и кредибилитетот на научниците, па дури се тврди и дека се штетни мерките од климатската политика, пишува во извештајот.
Ова практично значи дека на „црната листа“ може да се најде секој човек, медиум или организација со личен став дека некоја климатска мерка, ограничување или политика е неефикасна, штетна или скапа.

Во извештајот на Комисијата, исто така, се бара од социјалните платформи да ги отстранат ботовите и да се погрижат меѓу содржините да нема ниту една објава со лажни информации.
Федералниот регулатор на мрежите треба да ги санкционира платформуте на кои чет-ботови шират лажни информации за климатските промени.
Во февруари, огранокот на ЦДУ во Шлезвиг-Холштајн побара задолжителна употреба на вистински имиња на интернет, со став дека „на слободата на изразување ѝ се потребни граници наметнати од државата“.
Канцеларот Фридрих Мерц, кој воедно е лидер на ЦДУ, одамна повикува на укинување на анонимноста на интернет. Неодамна, на забелешката дека информаторите и новинарските извори мора да ја задржат тајноста на идентитетот, канцеларот одговори дека „анонимноста нема никаква врска со слободата на говорот“, туку дека е „американска идеја, која лично не ја цени“. Мерц истакна дека интернетот треба да биде како весниците, каде што издавачите носат одговорност за она што го објавуваат.
******
Види и: Мерц сака да ја укине анонимноста на интернет