Мерц сака да ја укине анонимноста на инернет

На германскиот канцелар му пречи демократското право на граѓаните анонимно да коментираат ставови и политичари без страв од лични последици. Мерц бара да се претстават со име и презиме, за да може владата да им одговори. Германската полиција, всушност, веќе спроведува рации во домови на луѓе што критикуваат функционери по социјалните медиуми.

Канцеларот Мерц се пожали дека критичарите заштитени од сенката на анонимност бараат најголема можна транспарентност од јавните личности. 

Сакам да видам вистински имиња на интернет. Сакам да знам кој зборува. Ние во политиката ги користиме нашите вистински имиња кога се соочуваме со конфликти во општеството. Тоа го очекувам и од сите други кои се критични кон нашата земја и нашето општество, порача Мерц.

Токму таа заштита им овозможува на граѓаните слободно да го изразат своето мислење на интернет, да критикуваат и да фалат политики без да се плашат од одмазда од моќни институции или лица. Оваа слобода е особено проширена со подемот на социјалните медиуми. 

„Анонимноста е штит од тиранијата на мнозинството“, пресуди своевремено американскиот судија Џон Пол Стивенс, во клучен случај за дистрибуција на анонимни памфлети. Тој објасни дека анонимните памфлети се „чесна традиција на израз на несогласување, која на читателите им овозможува да се фокусираат на содржината, без да прејудицираат врз основа на името на авторот.

Реалноста е дека во повеќето западни земји всушност и нема целосна анонимност на интернет. Властите на располагање имаат алатки со кои можат да го откријат името на секој корисник. Во Германија во изминатите години биле прогонувани граѓани и за најблаги критики или навреди на политичари на интернет.

Полицијата изврши рации кај корисник што ја нарече Аналена Бербок „најлошата министерка за надворешни работи досега“ и кај 64-годишен Баварец кој го нарече вицеканцеларот Роберт Хабек „идиот“. Самиот Мерц тужел граѓани за изразени мислења.

Ризикот не е ограничен само за луѓе што се подбиваат со функционери. Критичарите на масовната имиграција се етикетираат како „расисти“, изложени се на закани и трпат последици на работните места. Поради ваквите инциденти, три четвртини од Германците на неодамнешна анкета се изјасниле дека стравот од можни последици ефикасно ја загрозува слободата на говорот.

Мерц не е единствениот европски лидер што бара забрана на анонимноста на интернет. Некои влади бараат да се воведат проверки на идентитетот со документ или биометриски податоци за да се добие пристап до портали и платформи. 

Предлагам да се стави крај на анонимноста на интернет и еднаш засекогаш да се отвори ‘црната кутија’ на алгоритмите на социјалните медиуми, изјави во јануари шпанскиот премиер Педро Санчез во обраќање на Светскиот економски форум во Давос.

20 февруари 2026 - 15:11