Обновливи извори на енергетски профит

Жестока конкурентска битка владее во британскиот енергетски сектор па сепак компаниите успеваат да ги одерат корисниците. Цехот најмногу го плаќаат лојалните муштерии.

Доминантниот профитен модел во британската енергетика изгледа вака: лојалните корисници плаќаат повеќе отколку што треба за да можат компаниите со тие пари да ловат нови корисници нудејќи им субвенционирани услуги.

А лојалните се најбројни. Околу 85 проценти од домаќинствата не го менуваат својот провајдер на електрична енергија или гас.

И новите не се усреќуваат бидејќи откако ќе им заврши промотивниот период, се соочуваат со значајно повисоки цени. Сиромашните се посебно хендикепирани бидејќи не е дозволено да отидеш во друга енергетска компанија доколку имаш долг кон старата.

Големата енергетска шесторка (British Gas, E.On, Npower, EDF, SSE и Scottish Power) се обвинуваат за предаторски цени а тие велат дека е нормално што се обидуваат да го максимизираат својот профит.

Постојат барања на овие компании да не им се дозволи преголема разлика меѓу нивната просечна цена и најниската цена која им се нуди на новите потенцијални корисници.

Се проценува дека лојалните корисници плаќаат годишно 150 фунти повеќе. Англичаните се предупредуваат дека заради светските цени, ќе треба да навикнат на просечно 200 фунти поголеми сметки за енергија од оние што ги добивале минатите години.

5 септември 2012 - 21:20