Комплетното блокирање од Саудиска Арабија, Бахреин и Емиратите, во пракса значи економска блокада и отсекување на земјата од остатокот на светот.
Освен што на катарските граѓани во овие четири држави (сосе Египет) им се дадени две недели да ја напуштат земјата, арапските лидери започнаа и копнена, поморска и воздушна блокада на Катар. На единствената копнена граница на Катар, веќе се блокирани околу илјада камиони со храна на кои Саудијците не им дозволуваат да мрднат.
Се уште незапознаени како блокадата ќе се одрази на снабдувањето со храна и други потребштини на земјата, Катарците почнаа со празнење на локалните маркети и правење лични залихи на ориз, млеко, вода и јајца. Паниката на катарските граѓани не беше смирена ниту од пораките на министерството за надворешни работи дека спорот меѓу земјата и соседите нема да им го промени начинот на живот.
Иако банките се уште немаат конкретни инструкции за однесување, Катарците почнаа да ги повлекуваат своите пари од филијалите и банкоматите, како на домашни, така и на странски банки. Фајненшл тајмс објавува дека саудиските банки веќе почнале да бараат на кого да ги продадат долговите од катарските должници.