Како Т-64 стана поважен за контраофанзивата од Леопардите

Т-64 ниту е најдобар, ниту е најбрз, ниту е најмоќен, ама го има во доволен број и Украинците доволно не го жалат за да може да ја заврши најтешката работа во контра-офанзивата - да отвора пат низ руските мински полиња.

Кога на почетокот на јуни Украинците тргнаа во контраофанзива за прв пат во украинските редови на фронтот се појавија и германските Леопарди. За кратко време Украинците сфатија дека тоа е грешка, па Леопардите полека беа повлечени во позадина.

„На почетокот од јуни, борците на Киев се обидоа да користат Леопарди и заглавија во минските полиња што Русите ги подготвија како дел од повеќеслојниот одбранбен систем,“ објаснува Марина Мирон од Одделот за воени студии од Кралскиот колеџ во Лондон.

Нивното место во првите редови на украинската војска им беше дадено на советските Т-64, кои се и помалку софистицирани и повеќе потрошни. На почетокот од 2023, украинските вооружени сили располагаат со околу 250 Т-64БВ и 50 Т-64БМ тенкови.

Овие тенкови ја добија задачата за пробивање на првите слоеви од руската одбрана, додека Леопардите и другите странски тенкови треба излезат на фронт само кога руските единици ќе им бидат во домет, да не мора да трпат загуби од мински полиња и ракетни напади.

Како што објаснува поранешниот советник на генерал Валериј Залужниј, Ден Рајс, нема зошто да ги ризикуваш своите најдобри тенкови за пробивање на мински полиња, бидејќи „овие тенкови се најсмртоносни кога можат да стрелаат директно во руските сили додека се движат со голема брзина.“

Проблемот со западните тенкови е и што заради нивната габаритност тие се далеку подобро забележливи на фронтот во Запорожје. Мирон објаснува и дека ако Украина не ги искористи западните тенкови до почетокот на есента, тогаш тие ќе треба да бидат гаражирани до следното лето, заради страв дека ќе заглават во калта на украинскиот фронт.

„Се уште нема пробивање на руската одбрана во Запорожје, па можеби сега најпаметно е веќе да не се троши никаква опрема,“ изјавила Мирон.

30 август 2023 - 11:41