Како Стерлинг ќе направи богатство од расизмот

За тие што не ги читаат статиите под нет-рулет, Доналд Стерлинг е сопственикот на Клиперси кој е снимен како на својата девојка и кажува "веќе да не му носи црнци на натпревари и да не се слика со нив." Ова предизвика невиден скандал (за кој се изјасни и Обама), кој заврши со тоа што Стерлинг е казнет со 2,5 милиони долари и бркање од НБА. Пресметковно, Стерлинг е жив ќар од ова.

Клиперси по сите стандарди и статистики се еден од најкатастрофалните НБА тимови. Од 1981-ва до денес тие само 7 пати се имаат квалификувано во плејоф, а од нив 4 пати испаѓаат уште во првата рунда. Освен ова, тие имаат еден од најлошите договори за сала (немаат сопствена сала туку ја изнајмуваат) и со години ги избираат некои од најлошите пикови на драфтот.

Без разлика на сето ова, заради начинот на кој што се поставени големите спортски лиги во САД, Стерлинг со тоа што е протеран од НБА е на добар пат да заработи стотици милиони долари од луѓето што ќе решат да ги купат Клиперси. Во 1981-ва Стерлинг го купи клубот за 12,5 милиони долари.

Во корист на Стерлинг е тоа што лигата во изминатите 30 и кусур години е станата неспоредливо побогата, НБА е на пат да потпише нов и поскап договор за телевизиски права, а Клиперси ја имаат една од најдобрите сезони во својата историја и се еден од конкурентите за НБА титула.

И покрај тоа што скандалот би можел да ги избрка спонзорите на Клиперси, тоа не е нешто посебно трагично бидејќи клубот најголемите пари (околу 30 милиони годишно) ги прави од телевизиските права.

Луѓето што ги разбираат овие работи, проценуваат дека Стерлинг би можел да го продаде клубот за рекордни 700 милиони долари. До сега Милвоки Бакс беше најскапо продадениот НБА клуб, за кој минатиот април беа платени 550 милиони долари.

30 април 2014 - 09:41