Исламот до 2035 година ќе стане најголема светска религија

Исламот ќе го надмине христијанството како најголема светска религија до 2035 година, според новите проекции на Истражувачкиот центар Пју. Оваа промена помалку се должи на луѓе кои преминуваат во исламот, а повеќе на тоа кој има повеќе деца. Во Македонија до 2070 година, христијанското население ќе се намали на 53,4%, а муслиманското ќе се зголеми на 45,8%, според Пју.

Проекциите на Пју за периодот од 2020 до 2070 година укажуваат дека Европа ќе изгуби 160 милиони христијани поради природно намалување, како и дополнителни 35 милиони поради напуштање на христијанската вера. 14-те милиони христијански имигранти, кои се очекува регионот да ги добие во текот на овој временски период, нема да го пополнат тој јаз.

Христијаните повеќе нема да бидат мнозинство во земји како Шпанија (каде што во 2020 година биле 69,5% од вкупното население), во Швајцарија, Германија, Белгија, Естонија или Канада.

Проекциите за Македонија се дека процентот на христијани ќе се намали од 64,7% на 53,4%.

Процентот на муслиманско население, според проекциите на Пју, ќе се зголеми од 34,7% на 45,8%, што би било четврто највисоко процентуално зголемување во светот, веднаш по Албанија, Нигерија и Шведска.

На глобално ниво, бројот на муслимани ќе се зголеми за 1,6 милијарди, главно како резултат на тоа што бројот на раѓања ќе го надмине бројот на смртни случаи. Во истиот период се очекува бројот на христијани да се зголеми за 792 милиони преку природниот прираст на населението. Во периодот од 2020 до 2025 година, муслиманките имале просечна стапка на фертилитет од 3,1 дете, во споредба со 2,5 кај христијанките. За сите останати жени, просекот изнесувал 1,6.

САД до 2070 година ќе изгубат повеќе христијани од која било друга земја. Во 2020 година, САД имаа христијанска популација од 217 милиони, најголема во светот. До 2070 година, се очекува таа бројка да падне на 174 милиони.

Тежиштето на христијанството се поместува кон глобалниот југ. Се очекува Демократска Република Конго до 2070 година да има речиси 300 милиони христијани. Во 2070 година во потсахарска Африка ќе живеат 896 милиони христијани, 54% од сите во светот. Во другите региони бројот ќе се намали за 210 милиони.

Традиционално, имавме обичај да го сметаме христијанството за западна религија... Но денес во Африка тоа се шири побрзо отколку каде било на друго место, објаснува Дејвид Воас, професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Што се однесува до напуштањето или промената на верата, се очекува и христијанството и исламот да изгубат повеќе следбеници отколку што ќе добијат. Загубите на христијанството ќе бидат многу поголеми.

19 ноември 2026 - 09:01