Иран сака да ја испушти нафтата во Заливот

Немајќи излез од санкциите и зулумот што тие и го прават на земјата, Иран разгледува некои прилично очајни планови, меѓу кои и масовно испуштање нафта во Персискиот залив, за да се кренат цените на горивото.

Германски Шпигел успеал да стигне до тајните планови на Генерал Мухамед Али Џафари, еден од лидерите на Револуционерната Гарда, кои предвидуваат креирање на еколошка катастрофа, која би го затворила теснецот Ормуз за комерцијални бродови и со тоа би се спречила испораката на нафта од регионот во западните држави. Освен растот на цената на нафтата, ова би значело и зголемување на побарувачката на сурова нафта од Иран, кој моментално не знае што да прави со вишокот на производство.

Во планот Џафари предвидува дека не само што западните држави ќе мора да се приклучат во чистењето на теснецот, туку тоа ќе значи и привремен прекин на иранското ембарго.

"Каква било несреќа на танкер подразбира дека Меѓународниот фонд за штети од загадување од нафта ќе мора финансиски да интервенира. Но обидите за расчистување на водите нема да бидат технички возможни без помош од иранските власти, што би значело и кревање на ембаргото, барем привремено. Иранските нафтени компании ќе профитираат од чистењето, а целата ситуација ќе ја зголеми поддршката на народот за владата," пишува Шпигел.

Според Џафари за остварување на планот ќе биде доволно само еден од џиновските танкери на Иранците, да се насука на карпите во теснецот.

Слично нешто направи Садам во 1991-ва, кога истури милиони барели нафта во Заливот, со што речиси цела година ја затвори тамошната рибарска индустрија.

16 октомври 2012 - 12:48