Документот наречен „Стратешки предвидувања 2040“ наведува 6 можни исходи за ЕУ, од кои најекстремниот предвидува распаѓање на Унијата. Извештајот кој е напишан од Канцеларијата за планирање на Бундесвер, од неименувани извори бил протечен до Шпигел.
Во најцрното сценарио, шестото, „се опишува како ЕУ е во распаѓање а поранешната водечка светска сила, САД, на празно се обидува да ја спречи ерозијата на светскиот поредок. Има знаци на економска пропаст и пропаѓање на светската политика.“
И помалку мрачната разврска на настаните - оценета 4 од 6 по суровост - и понатаму претпоставува разделен континент, и крај на она што германската армија го нарекува „европската илузија“. За ова пишува:
„ЕУ бледее на рабовите, ’крајот на европската илузија’ изгледа дека е веројатен, а има знаци на транс-атлантско отуѓување. Нејасниот светски поредок ја направи политичката околина за Германија ’збунувачка и понекогаш ризична.’“
Она што е малку пострашно околу песимизмот на германската армија е што документот е изработен пред две години, односно во времето кога уште немавме брегзит, Трамп, воскреснување на крајната десница во ЕУ и целата паника околу Русија.
Според Шпигел ова е прв ваков извештај на германската војска, која претходно одбива да прави вакви предвидувања, кои се стандард во добар дел од светските армии. Наводно извештајот бил „инспириран“ од руското преземање на Крим, што се случило на изненадување на командата на германската војска.