Германија следната недела ќе претстави неколку милијарди долари вреден план за ре-изградба на пристаништето во Бејрут кое во август беше разрушено во експлозија која беше директна последица на неспособноста и незаинтересираноста на тамошните власти.
Освен поддршка од Франција во ре-изградбата, Берлин успеа да ја придобие и Европската инвестициска банка (ЕИБ) која ќе треба да финансира меѓу 2 и 3 милијарди евра од проектот. Крајната сум на германскиот план се проценува меѓу 4 и 13 милијарди евра.
Освен пристаништето, германскиот предлог опфаќа и развој на површина од над 100 хектари околу пристаништето.
Очекувањето е дека целиот проект ќе отвори околу 50.000 работни места.
Како услов што Германија и другите донатори го поставуваат за пуштање на фондовите е либанската политичка елита прво да се согласи околу составот на новата влада која ќе треба да ги доведе во ред јавните финансии и да ја искорени корупцијата во земјата.
„Планот нема да биде без услови. Германија и Франција прво сакаат да видат влада која е посветена на имплементирање реформи. Нема како тоа да се заобиколи, а ќе биде добро и за Либан,“ изјавува еден од дипломатските извори на Ал Џезира.
Осум месеци по експлозијата која освен што го срамни пристаништето разруши и добар дел од Бејрут, се уште не се објавени конечните резултати од истрагата за причината за експлозијата.
Условите на донаторите е новата влада да има силен мандат со цел спроведување на економски реформи, од кои посебно важни се ревизија на централната банка и реформи на расипничкиот енергетски сектор во земјата.