Годишниот одмор на Германците е тема за која ќе зборуваат германскиот министер за надворешни работи и неговите медитерански колеги.
Веќе неколку седмици Грција активно шири позитива околу сопствените бројки и мерки за справување со коронавирусот, за со време да се претстави како дестинација безбедна за туризам. Тамошниот министер за туризам во разговор за германските медиуми ги повика Германците да не ги откажуваат своите планови за летување.
Грција постојано има едни од најниските бројки на заразени и починати од ковид-19, а земјата веќе почна да ги отвара своите институции, економијата и плажите, за сега само за домашни гости.
Со слична содржина до Германците се обрати и хрватскиот премиер, Пленковиќ, кој за германски Велт изјави дека хотелите и плажите на земјата се „добро подготвен“ за пречекување туристи летово. На 4 милиони луѓе, Хрватска имаше 2.226 заразени и 96 жртви.
Минатата недела Шпанија, Италија и Португалија објавија дека меѓу почетокот и средината на јуни ќе ги отворат своите граници за патници од странство.