Две години после почетокот на рускиот напад врз Украина, песимизам се шири во западните општества , пишува „Ноје цирхер цајтунг“, а пренесува Дојче веле.
Денес, само еден од десет Европејци верува дека украинските вооружени сили можат да ги победат Русите, покажуваат резултатите од ново истражување нарачано од паневропскиот тинк-тенк Европски совет за надворешни односи, со седиште во Берлин.
Пред една година мнозинството граѓани на Европската унија беа убедени дека Украина ќе успее целосно да ги врати окупираните територии. Денес секој петти испитаник е убеден во победата на Русија, додека мнозинството очекува некакво компромисно решение меѓу завојуваните страни.
Ваквата промена на мислењето е во корелација со долготрајно лошата ситуација на фронтот и политичките случувања, посочува швајцарскиот весник, потсетувајќи дека есенската контраофанзива на украинската армија пропадна, дека на Киев драматично му недостигаат оружје, муниција и војници и дека бројно супериорните руски напаѓачи напредуваат. Дополнително, тука е и загриженоста од можниот реизбор на Доналд Трамп кој најавува дека повеќе не сака да ја поддржува Украина, што ја слебее перспективата на Киев.
Овој тинк-тенк го мери расположението на граѓаните на Стариот континент од почетокот на војната а за потребите на ова истражување биле анкетирани 17.000 граѓани на Полска, Шведска, Португалија, Холандија, Германија, Шпанија, Романија, Франција, Австрија, Италија, Унгарија и Грција.
Авторите на студијата потсетуваат дека пред две години јавноста реагираше на агресијата на Путин со „исклучителна солидарност со Украина“. Во тоа време, многу Европејци беа за брзо решение на конфликтот, доколку е потребно и на сметка на територијални отстапки на Украина. Една година подоцна, успесите на украинската армија ги сменија перцепциите, а сега, после две години, оптимизмот повторно испари.