Џереми Грантхам, ко-основачот на компанијата за менаџмент на имот ГМО (која менаџира фонд од 92 милијарди долари), тврди дека бројот на луѓе на Земјата конечно и трајно ја има надминато способноста на планетата да не одржува.
Според неговите пресметки Земјата може одржливо да поддржува околу 1,5 милијарди луѓе а не 7 милијарди колку што сега ги има. Во основа тој тврди дека најголемиот дел од нас ќе умреме од глад.
Главен проблем, според него е - фосфорот.
Во моментот во светот има ограничена количина на фосфор, која иако се обновува тоа оди со стапка која не ни врши работа ниту нам, ниту на следните неколку генерации.
Истовремено, рекордните приноси од земјоделството во последните неколку децении (споредено со остатокот од човековата историја) се должат во најголем дел на користењето на фосфорот за нивно ѓубрење (наместо природното ѓубриво). Токму рекордните приноси се единствената причина зошто човештвото уште не изумрело од глад.
Меѓутоа научниците предвидуваат дека за максимум неколку децении ќе го постигнеме оптимумот на производство на фосфор, по што глобалните резерви на фосфор незапирливо ќе почнат да исчезнуваат.
Кога тие ќе почнат да исчезнуваат, ние нема да можеме да се прехраниме себе си. Овој тренд нема да можат да го сопрат ниту новите начини на производство како хидропоника или аквапоника, за кои и понатаму е потребно користење на ѓубрива.