По маратонски дискусии од 16 часа лидерите на Европската Унија договорија заем за Украина од 90 милијарди евра од неискористените трошоци во заедничкиот буџет, но само од 24 членки, а не од сите 27.
Имаме договор. Одлуката за обезбедување поддршка од 90 милијарди евра за Украина за 2026-27 година е одобрена. Ветивме, исполнивме, изјави претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта.
Договорот значи финансиски опстанок на Киев, но не ѝ помогна на Европа да се наметне како фактор на мировните преговори предводени од САД за крај на речиси четиригодишната војна во Украина.
Користењето средства од даночните обврзници на ЕУ е политички удар за германскиот канцелар Фридрих Мерц и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кои се залагаа за репарациски кредит со замрзнатите руски 185 милијарди во депозитарот Еуроклир. Силните притисоци не го скршија отпорот на белгискиот премиер Барт де Вевер.
Белгија побара „неограничено“ споделување на ризикот заедно со европските партнери од очекувани судски тужби или поинаква одмазда од Русија, но лидерите колективно одлучија дека „не можат да се согласат со тој максималистички пристап“.
Кога опцијата за грабеж на руски пари беше затворена, Франција и Италија ги предводеа повиците за алтернативен предлог користејќи го заедничкиот буџет на блокот. И тука не беше постигнато единство. Чешка, Унгарија и Словачка не поддржаа користење пари од ЕУ за Украина, па затоа нема да имаат никакви финансиски обврски.
Тие не мора да плаќаат пари, но ние ќе ги натераме да платат за тоа политички, изјави висок европски функционер.