Во десантот на куќата на Дотком, учествувале два хеликоптери, кои пренесувале дузина специјалци, вооружени со автоматско оружје, 4 камиони и полициски кучиња.
Прв во куќата пристигнува еден од хеликоптерите, кој ги истоварува специјалците и си заминува. Оправдувањето за користењето на хеликоптерите е претпоставката дека портите на куќата на Дотком ќе бидат затворени и полицајците нема да можат експресно да влезат. На снимката од судењето се гледа дека портите се ширум отворени.
Кога вооружените специјалци упаѓаат во куќата, Дотком се буди од бучавата и веднаш се крие во тајната соба во која се влегува преку шифоњер во близина на спалната. Тука седи 13 минути, стравувајќи дека ако излезе од тајните влез, некој од полицајците по грешка би можел да го застрела. Специјалците го наоѓаат таму со рацете во вис.