Белата куќа и експерти се сложни дека финансирањето треба да продолжи без прекин, посебно во време кога Киев се подготвува за започнување на масовна контраофанзива.
Ветувањето на Белата куќа е дека новиот пакет за помош ќе биде темпиран да не застане помошта за Украина.
Разликата од декември е што сега се очекува дека во Конгресот ќе доминира остра дебата за плафонот на задолжување на САД, надополнето со речиси гарантираното противење од „мала но гласна група републиканци кои сакаат да го намалат трошењето на Украина.“
Американците допрва треба на Украинците да им ги испорачаат ветените Абрамс тенкови, од кои дел се стигнати во Украина но само за обука на украинската војска. Пентагон очекува дека оваа пратка „со сигурност“ ќе стигне во Украина некаде на почеток од есента.
Во меѓувреме Пентагон се труди да најде најоптимални начини за трошење на парите кои се уште ги нема спискано и тоа да биде на начин „кој најдобро ќе ги поддржи успесите на военото поле за време на новите пролетни офанзиви.“
Се очекува дека Конгресот следните неколку месеци ќе ги мине во дебатирање на американскиот буџет за одбрана за фискалната 2024, што Политико проценува дека би можело да го искомплицира идното финансирање на Украина без разлика на двопартиската поддршка.
Процената на експерти е дека Белата куќа проблемот најбезболно би можела да го реши преку неколку помали пакети за помош на Украина, кои треба да завршат работа за до крајот на годината. Првиот ќе треба да го покрие периодот до крајот на фискалната година, која завршува на 30 септември, а по него уште еден пакет кој ќе го покрие периодот до изгласувањето на следниот воен буџет на САД, кој изминативе години се носи кон крајот на годината или почетокот на следната.
Воениот буџет се очекува да биде донесен со вклучен пакет за помош на Украина, а по него САД веројатно ќе сакаат да видат како им оди на Украинците и какви се резултатите од контраофанзивата.