Свадбата е меѓу ќерката на 12-от по богатство човек во Азија, нафтениот и телекомски тајкун Мукеш Амбани, и синот на милијардерот Аџај Пирамал. Невестата се вика Иша, зетот се вика Ананд, и не е познато како се договорени кој чие презиме ќе зема.
Свадбата трае цела недела, и како споредба за вредноста се користи свадбата на Чарлс и Дајана од пред 37 години, која во денешни пари чини 110 милиони долари.
Претсвадбеното загревање се случува во градот Удаипур, во централна Индија, а освен Бијонсе и Хилари, таму ќе присуствуваат и бизнис тајкуни од САД како Хенри Кравис (чија компанија менаџира имот од 176 милијарди долари).
За сместување на вкупниот список на гости двете семејства имаат изнајмено најмалку 5 хотели од 5 ѕвезди во околината на градот, и сето тоа надгледувано од посебен контролен штаб во Мумбај кој треба да ја покрива комплетната логистика. За превоз на гостите до Удаипур се ангажирани над 100 чартер летови.
Сватовите во знак на благодарност до градот и за целата бука што ќе им ја направат, ќе донираат храна која треба да покрие по 3 оброци за 5.100 луѓе во период од четири денови, плус ќе организираат некои ситни случувања во градот.
Инаку, главната свадба ќе се одржи во домот на таткото на невестата, Мукеш Амбани, вилата од 27 спрата во Мумбај. Иша е првото дете на Амбани што ќе прави свадба. По завршување на свадбата младенците треба да се преселат во нивната куќа / зграда од 64 милиони долари.