Сунак, откако ќе ги мине сите процедури, со 42-години ќе биде најмладиот британски премиер и првиот Хинду лидер на земјата. Претходно тој работеше во владата на Борис Џонсон како министер за финансии, а беше главниот противкандидат на Лиз Трус во претходната трка за премиерската позиција.
Сега главен конкурент на Сунак беше Борис Џонсон кој најави дека сака да се врати на премиерската позиција. Откако успеа да убеди само 102 пратеника да го поддржат, Џонсон одлучи да се повлече од трката, под објаснување дека не сака да предводи партија и Влада која не е обединета.
Сунак е еден од најбогатите политичари во Британија. Син е на доктор и фармацевт од индиско потекло, а роден е во Саутемптон. Пред да влезе во политика студира на Универзитетите Оксфорд и Станфорд и работи во Голдман Сакс.
Во дуелот со Трус, Сунак предупреди дека економскиот план на Трус нема да успеа, што се покажа за точно и доведе до пад на нејзината влада. Самиот Сунак како министер за финансии на Британија од февруари 2020 до јули 2022 сноси дел од вината за финансиската ситуација во земјата. За време на референдумот 2016, тој беше про-брегзит.