Вообичаено е астронаутите кои се наоѓаат на подолг престој во вселената да добијат на висина: отсуството на гравитациона сила му дава шанса на рбетот да се опушти и пршлените да се раздвојат.
Но, моменталниот дежурен на Меѓународната вселенска станица се фрапирал кога се измерил и видел дека за само неколку недели пораснал цели 9 сантиметри.
„Пораснав како билка. Ова ми се нема случено од средношколски денови,“ сподели Норишиге Канаи порачувајќи дека малку е загрижен дали ќе го собере во седиштето на руското летало Сојуз кое треба да го врати на планетата.
Познато е дека Сојуз има лимити за височината на седиштето но не и дали конкретно во овој случај новата височина на јапонскиот астронаут ќе прави проблеми во транспортот.
Познавачи велат дека девет сантиметри е невообичаена разлика бидејќи досегашните астронаути обично се извишувале меѓу два и пет сантиметри. Инаку, кога се враќаат на Земјата, астронаутите по некое време ја враќаат својата овоземна височина.
Ова е прва вселенска мисија на Норишиге Канаи но никој не може да каже дека не бил на висина на задачата.