Видовме ли вонземјани?

Пред мексиканскиот конгрес беа обелоденети остатоци на нешто за што личи на вонземјани. Биле најдени во рудник во Перу а се стари можеби и 1.800 години. Истиве мумии да беа покажани пред американскиот конгрес, луѓе ќе помислеа дека се работи за просечно стар американски сенатор.  

„Кога Пентагон одбива да ги сподели информациите и да им дозволи на американските конгресмени да ги посведочат биолошките останки што ги поседуваат, ние ќе ви откриеме тела кои не се од човечко потекло и не се дел од овдешната терестријална еволуција“.

Под заклетва во мексиканскиот конгрес, ова го порача истражувачот и НЛО-лог Хаиме Маусан, носејќи и откривајќи пред тамошните конгресмени два ковчега со мумифицирани тела од нешта што не личат на човек.

Остатоците биле најдени во еден рудник во Перу а нивната анализа со радиоактивен изотоп на јаглерод (Carbon-14) сугерира дека се стари меѓу 700 и 1.800 години.

Многумина забележаа дека она што беше покажано во мексиканскиот конгрес премногу личи на холивудска верзија на вонземјани, на некоја нискобуџетна верзија на E.T. односно на тоа како ние ги замислуваме суштествата од друга планета (хуманоидни, со големи глави, мали тела и по три прсти).

Меѓу оние кои конгресната демонстрација на Маусан ја сметаат за циркуз е поранешниот пилот на американската авијација кој неодамна пред Конгресот изнесе лични искуства и шокантни тврдења дека Пентагон одамна поседува докази за вонземјани кои ја посетиле нашата планета.

Рајан Грејвс вели дека ваквите шашми го упропастуваат постоечкиот моментум на заинтересираноста за темата и притисокот на јавноста властите да го споделат она што го знаат.

***************

 

 

14 септември 2023 - 10:06