Харолд Борнстин изјави дека лично Трамп, кога беше кандидат за претседател на САД, му го диктирал извештајот кој тој го потпиша а во кој се наведува дека „неговото здравје и отпорност на организмот се фасцинантни“.
„Без ронка сомнеж можам да потврдам дека господинот Трамп, ако биде избран, ќе биде најздравиот човек кој некогаш станал претстедател“, се наведуваше во извештајот на Борнстин.
Тој наод беше објавен во пресрет на претседателските избори за да се менаџира штетата од медиумски раширената загриженост околу здравјето на кандидатот.
Тој исто така тврди дека два дена откако во Њујорк тајмс сподели дека редовно на Трамп му го препишувал лекот за коса „пропеција“, во ординацијата му упаднале шефот на безбедувањето на претседателот и неговиот адвокат и му ја заплениле документацијата за ВИП пациентот. Во таа прилика Борнстин сподели и дека на Трамп му препишувал и лекови за црвенило и за холстерол.
Белата куќа се огласи и појасни дека тоа што Борнстин го смета за упад е стандардна процедура за нов претседател, кога медицинскиот оддел на Белата куќа ја презема целата медицинска документација за новиот станар.
Борнстин не смета дека го прекршил лекарскиот кодекс кога издал доверливи податоци за својот пациент, ниту пак гледа проблем што потпишал извештај кој му бил диктиран.