Како објаснување на штета што може да ја направи АР-15 на човечкото тело, Вајард разговараат со хирург од Универзитетот во Аризона кој прави споредба со 9-милиметарски пиштол, според кого раната "од првото (АР-16) изгледа како да експлодирала граната, второто изгледа како длабока расеченица од нож."
Затоа што американската дебата околу контрола на оружјето е крајно неразумна и исполитизирана и во неа под контрола се подразбира човек да не може да влезе во продавница и да купи АР-15 или Калашников со "изгасен" автоматски оган, Вајард расправа околу физиката на легално купен АР-15.
"Куршум со повеќе енергија може да предизвика поголема штета. Неговата вкупна кинетичка енергија е еднаква на половина од масата на куршумот помножена со брзината на квадрат.
Куршум од пиштол е - без разлика колку апсурдно звучи ова - спор во споредба со куршум од АР-15. Може да биде сопрен од дебелата коска во горниот дел од ногата. Или може да мине низ телото, и (на излегување) да заглави во кожата, која е изненадувачки еластична.
Куршум од АР-15 предизвикува комплетно поинаков вид на насилство врз човечкото тело. Тој е релативно мал, меѓутоа од цевката излегува со три пати поголема брзина отколку куршум од пиштол. Во него има толку многу енергија што може да распарчи 7,6 сантиметри коска во ногата," објаснуваат од Вајард.
Друг хирург, овој пат од Универзитетот во Тексас, им објаснува на Вајард дека ако куршум од АР-15 погоди коска, тој ја претвора во прашина, ако погоди во црниот дроб, тогаш тој изгледа како да си фрлил парче желе на патос, со дупка во него со големина на портокал.
Заради брзината, а не големината, куршумот од оваа пушка оштетува месо во радиус од десетина сантиметри од неговата патека, според истата физика како што можеш да направиш бранови со прст во вода. Па така дури и да ја утне главната артерија во ногата, куршумот при удар предизвикува доволно бранови кои ќе можат да ја пукнат артеријата, што повторно доведува до масовно губење крв, и евентуална смрт.
Според хирургот, ова е причината зошто за рана од пиштол најчесто треба само една операција, а за рана од АР-15 требаат од три до десет хируршки зафати.