28-годишната Клара, трансродова девојка од средниот запад објаснува дека целиот свој живот со презир гледала на луѓето што купуваат оружје, вклучително и кога купувал и татко ѝ. Иако не стравува за личната безбедност во местото каде што моментално живее (Калифорнија), таа наведува искуства на луѓе што ги знае во руралните области „што едно утро се разбудиле со еден куп кукасти крстови и зборови како 'педер' испишани на нивните куќи“.
Поради ваквиот развој Клара купува полуавтоматски пиштол и почнува да оди на стрелиште. Таа предвидува долгорочна борба меѓу администрацијата на Трамп и левицата околу прашања како имиграцијата и правата на малцинствата.
Прашањето на Би-би-си, кое до сега левицата сосема легитимно го поставуваше, е - нема ли пиштолот само да ги влоши работите?
Работите веќе ескалираат и тоа ќе продолжи така, а тоа што јас нема да се вклучам или да бидам подготвена да ги одбранам блиските... нема да спречи луѓето да бидат нападнати или малтретирани, изјавила Клара.
Продажбата на оружје во САД во октомври достигна рекордни нивоа поради стравот дека победата на Хилари Клинтон ќе доведе до зголемена контрола на оружјето. По победата на Трамп очекувањето беше дека паниката по оваа основа ќе стивне, затоа што тој беше поддржан од НРА (National Rifle Association), и ова беше потврдено со пад на акциите на производителите на оружје за 18%.
Наместо тоа бројките на ФБИ (преку кое поминуваат сите проверки на трансакции за купување оружје) покажале дека на 25 ноември, Црн петок, постигнат е рекорд за еден ден - 185.713 проверки. Иако рекордот делумно се должи на попустот, биле забележани „голем број нетрадиционални купувачи“ како црнци и други малцинства.
Слично искуство имаат и од клубот на „Либерали сопственици на оружје“, каде што бележат висок раст на нови членови по изборите во ноември. Дел од новите членови се луѓе што прв пат поседуваат оружје и се „загрижени дека изолираните случаи на насилство против малцинствата ќе ескалираат во нешто уште понасилно и дека администрацијата на Трамп ќе ги укине клучните уставни права, што ќе доведе до најфашистичкото владеење во историјата на САД“.
Ист раст имаат пријавено и од Пинк пистолс, клубот за ЛГБТ-сопственици на оружје, чии нови членови стравуваат дека „ќе бидат малтретирани од вооружени лудаци“.
Истражувањата покажуваат дека моментално околу 35% од американските домаќинства имаат огнено оружје, што е повеќе од половина помалку споредено со 1978.