Прашањето што го има 26-годишна мајка вработена во кафетеријата на Фејсбук е "дали ќе дојде тој (Зукерберг) и тука?"
Под тука, таа ги подразбира куќите во Менло парк оддалечени само неколку блокови од седиштето на Фејсбук. Иако е на за нас прифатлива дистанца од работното место, Никол со својот сопруг, кој исто така работи во кафетеријата на Фејсбук, и трите деца, живеат во двојна гаража во Менло парк.
"Тој не мора да патува низ светот. Треба само да дознае што се случува тука," објаснува Никол.
Иако и Никол и сопругот се платени 20 и 18 долари на час, што е над американскиот просек и над просекот од 15 долари што Фејсбук им го гарантира на аутсорсираните работни позиции, овие пари повеќекратно ја губат својата куповна вредност во регион преплавен со програмери и компјутерски инженери со баснословни плати.
Проблемот е што тие заработуваат премногу за да можат да се квалификуваат за државна здравствена заштита, но не заработуваат доволно за да можат да си го дозволат здравственото осигурување што го нуди нивниот работодавец. Иста е ситуацијата и со храната и останатите секојдневни трошоци што ги имаат во Менло парк.
"На времето ова а плата би била одлична сума, ама затоа што Фејсбук се всели сè стана многу скапо. Некогаш морам да се позајмувам пред плата. Едвај спојуваме крај со крај," објаснува Виктор, сопругот на Никол.
Пред "населувањето" на Фејсбук, двајцата работат во еден локален синџир на ресторани, каде што заработуваат по 12 долари на час. Со овие пари, и по пред-Фејсбук цените тие успеваат да си дозволат кирија за сопствен стан, наместо да живеат во гаража.
"Има голем број мали понижувања. На крајот од секоја смена Никол гледа како се фрлаат огромни количини останата храна која таа не смее да ја носи дома. Работниците во кафетеријата немаат пристап до медицинските објекти на Фејсбук. Компанијата неодамна одржа 'донеси го твоето дете на работа' настан, меѓутоа на него не беше дозволено присуството на деца на вработените во кафетеријата," пишува Џулија Вонг во текстот за Гардијан.