Позлатената стаклена кочија со ковчегот на Касамоника ја влечеа 6 црни пастуви, кои минуваа меѓу колоната од стотици луѓе наредени на улиците на Рим. Зад кочијата беше камион претоварен со венци. По погребот, црн Ролс - Ројс го носи ковчегот до гробиштата каде тој е додаден во мермерниот мавзолеј на семејството Касамоника.
На црквата Дон Боско, каде се одржа церемонијата, беа обесени џиновски постери од Касамоника, а пред неа оркестар ја свири песната "Speak Softly Love," чија инструментална верзија е главната нумера од трилогијата Кум.
Погребот доаѓа во време кога римските власти тврдат дека ја имаат уништено Мафија Капитале, семејството кое го контролираше Рим, и кое беше обвинето за трошење на огромни суми пари од локалните власти и заработување од најнемоќните (социјални случаи, бегалци...).
Градоначалникот на Рим, инаку на одмор во САД, реагираше на Твитер објавувајќи дека веднаш побарал објаснување за тоа што се случило, а останатите власти се правдаат дека настанал курцшлус во комуникацијата.
"Меѓутоа некој сепак дал дозвола за организирање на посмртна поворка, која беше пренесувана од италијанските медиуми со иста енергија како и селебрити настани, со излегување на најпознатите репортери на улиците за да го пренесат целиот настан. Уште позасрамувачко беше соучеството на римската полиција, чии автомобили го блокираа сообраќајот за поворката да може непречено да мине. Портпаролот на римската полиција изјави дека Касамоника бил 'на маргините на криминалните активности' заради неодамнешната терминална болест, и дека погребот не прекршувал никакви закони. Очигледно не е потребна никаква дозвола за ниско летачки хеликоптери кои расфрлаат латици од ружи над центарот на градот," пишува Барби Лаца Надо за Дејли Бист.