Луѓето од градот се убедени дека водата од градскиот водовод е добра само за пуштање казанче. Ни домашните растенија не ги полеваат со таа вода а и за сите други потреби користат купечка.
Имаат секакво право да бидат претпазливи со оглед на тоа што нивната вода е озглогласена по количеството олово кое го содржи во себе. А тоа се случи откако градските власти, заради заштеда, решија извор на градската вода да не биде онаа од претходниот детроитски басен туку од корозивната градска река. Една студија покажува дека бројот на фетусна смрт за време на кризата пораснал за 58 проценти а бројот на деца изложени на опасни дози олово е удвостручен. И покрај таква вода, граѓаните на Флинт имаат едни од највисоките сметки за вода во државата, околу 200 долари месечно.
Токму онолку - за административна такса - годишно плаќа Нестле за да црпи и амбалажира вода не толку далеку од Флинт, од едно место со само 1.500 жители но со дузина нивни пумпи за црпење чиста планинска вода. За годинава побарале да им се зголеми волуменот на извадена вода за 60-тина проценти
Во Флинт доаѓаше Обама па ги охрабруваше да издржат, Хилари и Берни држеа дебата на таа тема. Ама луѓето мислат дека би било покорисно да ги посети некој од Нестле па со направениот профит да помогнат да се сменат резервоарите и старите оловни водоводи на градот.
Поради стравот од загаденост на градските води и офанзивата против зашеќерените напитоци, во 2017 година флашираната вода стана најпродавана течност во САД. Во 2016 година, само од продажба на вода, Нестле направиле 7,4 милијарди долари. Во Мичиген вадат 560 литри во минута. И за тоа плаќаат годишна административна такса од 200 долари.
Чак Волвертон е дечко од Флинт. Секоја вечер вози 25 километри надвор од градот, до куќата на брат му, за да се истушира и да си ги испере алиштата. Онаа вода што дома ја има не му ја дава ни на кучето. Сметката за вода му е 180 долари месечно.