Еден од најголемите успеси на Супер Боул е што над половина од публиката што го гледа натпреварот, околу 52%, не се ни фанови на американски фудбал, и ова им е единствениот натпревар што го гледаат.
Супер Боул прв пат се игра во јануари 1967-ма, и со тек на време од финален натпревар тој се претвора во цел настан, со цела серија придружни активности.
"Зошто сите го гледаат?
Делумно затоа што ова е изговор за да јадеш и пиеш како да си на римска баханалија. Националната федерација за малопродажба проценува дека Американците ќе потрошат над 12 милијарди долари на храна, пијалаци, производи поврзани со настанот и електроника - вклучително 7,5 милиони нови телевизори - на денот на натпреварот. Се на се, 1,2 милијарди пилешки крилца, 35,8 илјади тони гвакамоле, 32 милиони парчиња пица и 5.080 тони чипс ќе се изедат на 1-ви февруари, што ќе биде залеено со 50 милиони кутии пиво. А што се однесува на денот потоа, продажбата на лекови против стомачни киселини се зголемува за 20%, а 7 милиони луѓе ќе земат боледување," се објаснува во анализата на магазинот Вик.
Целиот настан почнува прилично скромно во 60-те, за време на најголемото ривалство меѓу Американската Фудбалска Лига (АФЛ) и Националната Фудбалска Лига (НФЛ), кога АФЛ успева полека да им го одзема приматот на НФЛ. Двете лиги решаваат во 1967-ма на еден натпревар да видат чиј шампион е подобар. Победува тимот од НФЛ, Грин Беј Пакерс.
Што се однесува до натпреварот и делот со рекламите, годинава емитување на спот од 30 секунди чинеше 4,5 милиони долари, речиси 2 пати повеќе отколку од пред 10 години. Причината зошто компаниите се подготвени да платат толкави пари, е што ова е единствениот телевизиски пренос во кој за време на рекламите рејтинзите растат. Од друга страна луѓето гледаат затоа што се свесни дека ова е моментот кога маркетинг агенциите даваат се од себе за што е можно подобро да го испромовираат својот производ.
Сите овие трошоци добро легнуваат и во пресметките на компаниите, Ауди за два пати го зголеми својот удел на пазарот откако за прв пат се појави на Супер Боул во 2006-та, Анхаусер-Буш секоја година бележи раст на продажбата на Бадвајзер во седмиците по натпреварот, Скчерс имаше скок на продажбата од 26% по рекламата во 2012-та (а акциите им пораснаа за три пати во следните 2 години).