Истражувачи од Универзитетскиот Колеџ Лондон, фаќаат да ја студираат една од најприсутните и деструктивни теории во коцкањето: "жешка рака." На кратко, теоријата е дека кога ќе фатиш една кладба, тоа ќе ти донесе уште една.
Тие анализираат 569.915 кладби ставени на онлајн казино. Се на се, 48% од кладбите биле добитни. По ова истражувачите продолжуваат да ги анализираат само добитните играчи. Од тие што ја фатиле првата рака, 49% фатиле и втора, 56% од победниците од второто коло фатиле и на третото кладење, од нив 67% фатиле на четвртото кладење, а од овие победници 72% го фатиле и петтото кладење. Најдобрите коцкари во Лас Вегас очекуваат да добијат околу 55% од кладбите. "Ова значи дека 'жешката рака' функционира."
Во исто време, тие што губеле пари, продолжиле да губат. Од 190.359 играчи кои ја изгубиле својата прва кладба, 53% ја изгубиле и следната, од тие што им останале пари и за трета кладба 60% пак изгубиле. Кога стигнале до 5-та последователна изгубена кладба, шансите за добивка им паднале на 25%. Лошата серија се објаснува со друга позната теорија во овој еснаф - "коцкарска заблуда." Пример, ако на прво фрлање се кладиш на глава, а се падне петка, на второто ти пак викаш глава "затоа што на нејзе и е ред."
"Добиените и изгубените кладби никако не биле поврзани со вештината или ризикувањето на играчот...
... Она што истражувачите откриле е дека коцкарите кои ќе влезат во серија - добра или лоша - дејствуваат под влијание на коцкарската заблуда. Оние кои добивале продолжиле да вложуваат уште повеќе пари затоа што претпоставувале дека наскоро ќе им се потроши среќата. Оние кои губеле продолжиле да ставаат уште пари, затоа што очекувале дека нивната лоша среќа наскоро ќе се промени.
Ова значи, дека коцкарите добиваат во серија затоа што очекуваат да изгубат, и коцкарите губат во серија затоа што очекуваат дека ќе добијат," пишува Џеј Канг за Њујоркер.
Откако се појави студијата таа е пренесена во неколку медиуми со наслови од типот "Науката потврдува дека среќната серија е вистинска." Заради ова една од авторките на истражувањето, Џуемин Ксу, испрати мејлови до повеќето медиуми во кои побара коригирање на ваквите наслови. "Не сакам луѓето да мислат дека ако добиваш, тогаш е поверојатно уште да добиеш и да продолжиш да добиваш, добиваш, добиваш. Ова апсолутно не е така. Ако треба да се извлече една поента од ова, тогаш тоа е: не се коцкај."