ЦИА може да вклучи микрофон од Самсунг телевизор

Викликс објави масивна доверлива документација која претставува досега најголемото истекување информации поврзано со Американската Централна Агенција ЦИА. Што да ви кажеме, растурачина.

Јавно обелоденетата документација е прва епизода од најновата серија на Викиликс (Vault 7) која се фокусира на ЦИА и нејзините тајни операции, вклучувајќи ги шпионските протоколи и хакерските пракси на агенцијата. 

Беше најавено дека скандалот на прес конференција ќе го обелодени првиот човек на Викиликс но презентацијата на Асанж беше одложена после жестоките напади на неговиот Фејсбук и видео стримот на Перископ.

Па затоа го истурија материјалот директно на Твитер.

Збирката содржи преку 8.700 доверливи документи и е прилично скандалозна и шокантна во поглед на тоа колку е долга и раката и увото и окото на ЦИА.

Откако минатиот месец Викиликс објавија како ЦИА таргетирала француски политичари за изборите во 2012 година, од новите досега објавени материјали се дознава и ова:

  • ЦИА ја изгубила контролата врз поголемиот дел од својот хакерски арсенал кој содржи малвери, вируси, тројанци, злоупотребени софтверски дупки и апликации за системи за далечинска контрола. Оваа неверојатна колекција содржи СТОТИЦИ МИЛИОНИ линии со кодови и и на тој што ја поседува му го дава на тацна целиот хакерски потенцијал на ЦИА.

 

  • Дупки се наоѓале и истите се претворале во свое оружје кај широка палета американски и европски компании, вклучувајќи ги Ајфонот на Епл, Андроидот на Гугл, Виндоусот на Мајкрософт па дури и Самсунг телевизорите кои ЦИА ги претворале во свои скриени микрофони за прислушување.

 

  • Се чини дека освен контролата на смартфони и други мобилни уреди, ЦИА развивала потенцијално смртоносни технологии за контрола на земјени и воздушни возила, како и на медицински уреди.


За да имате претстава за каков волумен се работи: бројот на страници досега објавени под серијата Vault 7 веќе ја надмина вкупната бројка од првите три години на вадењето документи за НСА од страна на Едвард Сноуден.

7 март 2017 - 17:17