Бројките со кои се шпекулира околу Епстин е трговија со десетици до стотици млади девојки, а ликовите од неговото опкружување вклучуваат најмалку еден член на британското кралско семејство, минати и сегашни претседатели на САД, и други многу богати луѓе.
Кога во саботата наутро Епстин беше најден мртов во својата келија, Трамп ретвитна еден заговор според кој Клинтонови (инаку блиски пријатели на Епстин) се тие што го замолчиле милијардерот. Во меѓувреме на Твитер беше покриена речиси секоја можна верзија на неговата смрт, до таму дека тој всушност не е мртов, а целата работа е исценирана за тој да избега од затворот.
Без намера да се крши нечиј мерак за заговори, без разлика како умрел човекот, постојат реални причини и политики кои довеле до ова.
Самоубиството е водечка причина за смрт на американските затвореници, а стручните процени се дека одговорните се помалку се подготвени да се справат со ова. Според поранешна управничка на затворот во кој Епстин изврши самоубиство, „ако некој стварно сака да се самоубие во затвор, тогаш ќе се самоубие.“
Претходниот проблем само е дополнет со долгогодишниот недостаток на персонал во американските затвори. Уште во 2017 Вашингтон пост објавува внатрешен извештај на американското министерство за правда во кое се наведува проблемот со „недоволно вработени во службите за помош со менталното здравје за посебно ранливите затвореници“.
По ова следува корумпираноста на целиот систем, заради која Епстин во 2008 доби апсурдно лесна затворска казна во која имаше право по 12 часа на ден да го напушти затворот (и самиот затвор речиси на рамниште на ресорт во однос на останатите низ САД) и да работи од својата канцеларија. Иако ваквиот поволен третман најверојатно ќе се препише на неговите врски и познанства со богаташи и политичари, многу е поверојатно дека основа за истото се опциите за идно вработување во приватен сектор на јавните обвинители.
И покрај сите приказни околу Епстин, најголемата мистерија е неговото богатство и од каде доаѓа. Иако неколку финансиски медиуми пробуваат да го најдат потеклото на неговите пари, никој од нив не стигнува до стабилен извор. За него се знае дека некое време работел на Волстрит „пред да стане митски играч во светот на менаџирање богатства, наводно одбивајќи ги сите клиенти со имот помал од милијарда долари“.
Инаку, токму скапо платениот тим адвокати на Епстин помага да се укине специјалната стража на милијардерот која му е воведена по првиот обид за самоубиство.