Прво се удри на енкрипцијата, па во речиси кореографиран ПиАр настап повеќе сегашни и поранешни разузнавачи низ серија интервјуа ја нападнаа енкрипцијата и тоа што таа е дозволена на големо, а ги дочекаа и своите пет минути за пропустите во својата работа да му ги накалемат на Едвард Сноуден.
Додека тие симултано ги распнуваат енкрипцијата и Сноуден, полека почнаа да се појавуваат докази околу настанот:
- Веќе во вторникот беше јасно дека американските и/или француските служби уште пред петокот на својот радар ги имале седумте од осумте напаѓачи.
- Напаѓачите користеле Фејсбук за комуникација.
- Единствениот телефон најден од полицијата покажал и дека терористите користеле неенкриптирани СМС пораки, "веројатно најлесната форма на комуникација за следење."
Втората агенда која одлично се смести во стравот по нападите е натпреварот меѓу Републиканците кој повеќе ќе биде против примањето бегалци од Сирија, затоа што дел од напаѓачите имале сириски пасош. Како што објаснува Тревор Тим во колумната за Гардијан, инсистирањето на Републиканците продолжува и покрај тоа што се покажа дека информацијата околу пасошот не е точна, и дека ниту еден од напаѓачите не е Сириец.
Предлозите беа:
- Крис Кристи побара да се забрани влез во САД за сите вдовици и деца бегалци.
- Рон Пол претстави закон со кој на сите муслимани им се забранува да влегуваат во САД како бегалци.
- Доналд Трамп вети дека ако е избран дигитално ќе ги следи сите можни муслимани во земјата.
Зачудувањето на Тим е колку денешните републиканци се "радикализирани" во однос на нивниот претходник, Џорџ Буш помладиот. Тим забележува дека без разлика на сите погрешни одлуки, на Буш помладиот, и како тие доведоа до создавањето на ИСИС, "тој секогаш бил подготвен јавно да зборува во корист на големото муслиманско мнозинство кои се мирољубиви и го отфрлаат тероризмот како и сите други."
"Како што забележува Крис Хајс, ниту збор од трогателниот говор што Буш го даде во Исламскиот центар една недела по 11-ти септември денес не би бил изговорен од кој било кандидат. Наместо тоа тие се натпреваруваат кој може повеќе да ја потцени и понижи муслиманската заедница во еден потег," пишува Тим.